Во вториот квартал од 2026 година, германската економија забележа мал квартален мал раст и покрај предизвиците што ги донесе конфликтот на Блискиот Исток и скокот на цените на енергијата, според проекцијата на Бундесбанк објавена денес.
Експертите истакнуваат дека економијата покажала отпорност благодарение на добрите резултати на германската индустрија и побарувачката од странство, објавува Велт (Die Welt).
Германските извозници остварија добри резултати, делумно затоа што нивните меѓународни конкуренти беа потешко погодени од недостиг и тесни грла во синџирите на снабдување, се додава во прогнозата.
Дополнително, приватната потрошувачка на Германците остана на нивото од претходниот квартал, и покрај падот на куповната моќ поради повисоките цени на енергијата.
Германската економија е значително поттикната од обемните државни инвестиции во инфраструктурата, железницата и одбраната.
Економистите предупредуваат дека инфлацијата во Германија, која падна на 2,3 проценти во јуни, би можела повторно да се зголеми во наредните месеци, првенствено поради прелевањето на повисоките цени на енергијата врз други производи и услуги во потрошувачката кошничка.
Бундесбанк и германската влада сè уште очекуваат економски раст од само 0,5 проценти во целата 2026 година, што би претставувало скромно закрепнување по долг период на стагнација.
Федералниот завод за статистика (Дестатис) ќе ја објави првата прелиминарна проценка за економскиот раст во Германија за вториот квартал на 30 јули.

