Фон дер Лајен: Проширувањето на ЕУ наша морална, историска и политичка одговорност

Сподели со своите пријатели

Урсула фон дер Лајен, кандидатот за претседател на Европската комисија во вториот мандат, рече дека приемот на нови членки е „морална, историска и политичка“ одговорност на Европската унија.

Loading...

Во своето обраќање пред пратениците во Европскиот парламент, кои денеска ќе гласаат за нејзиниот втор мандат на чело на Европската комисија, Фон дер Лајен рече дека проширувањето на ЕУ е огромна стратешка одговорност за Европа.

„Поголемата Унија ќе биде посилна Унија, ќе го зајакне нашиот глас, ќе помогне да се намалат нашите зависности и ќе се погрижи демократијата, напредокот и стабилноста да се шират и зајакнат низ целиот европски континент“, рече Фон дер Лајен.

Според неа, Европската комисија ќе им помогне и ќе ги поддржи земјите кандидати, нивните економии и спроведувањето на реформите.

Таа, сепак, нагласи дека процесот на пристапување секогаш ќе се заснова на заслугите и успесите на секоја земја кандидат.

„И ќе се погрижиме земјите да ги исполниле сите услови пред приемот. Сепак, проширувањето на Унијата е во наш основен интерес и затоа ќе биде еден од главните приоритети на мојата нова Комисија“, рече Фон дер Лајен.

Таа додаде дека е „длабоко убедена дека историјата се повторува“.

„Западен Балкан, Украина, Молдавија, Грузија, тоа се сите земји кои ги носеа своите одлуки слободно, тие ја избраа слободата, а не угнетувањето и репресијата. Тие избраа демократија, а не зависност, а некои од нив плаќаат многу висока цена за тој избор што го направија“, потсети Фон дер Лајен.

Loading...

Затоа, според нејзините зборови, ЕУ мора да ги приспособи своите одлуки и избори на ова и да се погрижи иднината на споменатите земји да биде слободна, прогресивна, „во европскиот дом, во ЕУ“.