Фон дер Лајен ја повика Канада да стане дел од ЕУ

Сподели со своите пријатели

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, изјави дека Европската унија (ЕУ) ја отвора вратата за Канада да стане нејзина прва „придружна членка“, иако таков статус не е предвиден во договорите на ЕУ, објави денес новинската агенција Ројтерс.

Најавата на Фон дер Лајен претставува значајна промена во политиката на ЕУ.

Унијата традиционално се спротивставуваше на флексибилните категории на членство, а во мај, членките на ЕУ реагираа доста резервирано на предлогот на Германија да ѝ понуди на Украина придружно членство како чекор кон полноправно членство, според Ројтерс.

„Партнерствата се стратешки избор за Европа. Но, тие се и одговор на нарушувањето на меѓународниот поредок базиран на правила“, изјави Фон дер Лајен во нејзиното годишно обраќање за состојбата на ЕУ пред Европскиот парламент (ЕП) во Стразбур.

„Го гледаме светот на ист начин: од вештачка интелигенција до климатските промени, од Арктикот до геополитиката. И бевме едни со други  кога станува збор за Украина, одбраната, суровините и синџирите на снабдување. Но, пред сè… Европа и Канада веруваат во демократијата“, рече Фон дер Лајен.

Канадскиот премиер Марк Карни претходно оваа недела изјави дека Канада сака „единствен сојуз“ со ЕУ, но не и членство.

Фон дер Лајен го покани Карни да ѝ се придружи во Стразбур, каде што ќе се обрати пред ЕП во четврток.

Посетата на Карни на Европа следува по историското влошување на односите меѓу Канада и САД, бидејќи трговските разговори пропаднаа минатиот месец, предизвикувајќи серија реципрочни царини.

„Реков дека итно треба да ги реинвентираме нашите партнерства. Затоа би сакала да соработувам со вас за да ја отвориме вратата за Канада да стане првата придружна членка на ЕУ“, рече Фон дер Лајен.

Таа додаде дека ЕУ и Канада ќе соработуваат во голем број области, од производство и вештачка интелигенција до критични минерали и енергија.

„Ќе соработуваме во интелигентното производство. Ќе создадеме технолошки сојуз. Ќе ги поврземе нашите индустриски бази во одбраната. Ќе го направиме Арктикот водечки заеднички проект“, рече таа.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Седум работи што Урсула фон дер Лајен ќе ги објави во својот говор за состојбата на Унијата

Фон дер Лајен додаде дека „ова партнерство не е насочено против никого друг“, што би можело да биде обид да се избегне затегнување на односите со американскиот претседател Доналд Трамп.

Фон дер Лајен: ЕУ се соочува со отворено непријателски свет

Денес, Фн дер Лајен ги повика земјите од ЕУ да работат заедно и да воспостават ново партнерство со Канада за да се соочат со климатските промени, конкуренцијата од Кина и други големи предизвици, објави Ројтерс.

Блокот се соочува со „отворено непријателски свет“, рече Урсула фон дер Лајен во своето годишно обраќање пред Европскиот парламент (ЕП) во Стразбур, презентирајќи ги приоритетите на 27-члената ЕУ за следната година.

Солидарноста меѓу земјите-членки е единственото можно решение, рече таа.

„Нашиот пат е јасен. Градење независна Европа која има моќ да дејствува“, рече фон дер Лајен.

Блокот од 27 земји се соочува со војна на своите граници поради руската инвазија на Украина. Според Ројтерс, во однос на трговијата и другите прашања, ЕУ се соочува и со силна конкуренција од Соединетите Американски Држави под водство на претседателот Доналд Трамп и сè поагресивната Кина.

ЕУ се соочува и со големи внатрешни предизвици, вклучително и со порастот на популарноста на евроскептичната крајна десница, што беше демонстрирано на регионалните избори во Германија, што го ослабна канцеларот Фридрих Мерц.

Според анкетите на јавното мислење, Марин Ле Пен е најсилниот кандидат пред претседателските избори во Франција следната година.

„Состојбата на нашата Унија е посилна од кога било. Во исто време, состојбата на нашата Унија може да изгледа понесигурна од кога било“, рече Фон дер Лајен.

Соработка со Канада

Фон дер Лајен, која сега е во својот втор петгодишен мандат на чело на извршното тело на ЕУ, исто така требаше да ја нагласи потребата од зачувување на европската независност во различни сектори, вклучувајќи ја енергијата, суровините и чистите технологии, според Ројтерс.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Трудница исчезна по судир во Венеција, нејзиното тело пронајдено во канал 4 дена подоцна: Сопругот доживеа клиничка смрт

За да се постигне ова, земјите од ЕУ не само што ќе треба да соработуваат меѓусебно, туку ќе имаат и силни партнери како Канада, чиј премиер Марк Карни беше во Стразбур и доби топол аплауз од европските пратеници кога пристигна за да присуствува на говорот на Фон дер Лајен.

„Сакаме да ги подигнеме односите со Канада на највисоко можно ниво. Затоа би сакала да соработувам со вас за да ја отвориме вратата за Канада да стане првата придружна членка на ЕУ“, рече Фон дер Лајен.

Таа му се приближи на Карни и го прегрна откако го покрена прашањето за „придружното членство“ на Канада, а Карни доби овации од пратениците во салата.

Трговски дефицит со Кина

Зборувајќи за трговијата, фон дер Лајен рече дека ЕУ ќе ги искористи сите расположливи средства за да го намали својот „неодржлив“ трговски дефицит со Кина.

Таа изјави дека нерамнотежата, со дефицит во трговијата со стоки од една милијарда евра (1,15 милијарди долари) дневно минатата година, достигнала точка на прекин.

„Да бидам јасна: ќе ги искористиме сите инструменти што ни се на располагање за да ја вратиме рамнотежата во нашите односи. Зборовите се добри. Но, делата се подобри“, рече таа.

Борбата против климатските промени

Фон дер Лајен, исто така, рече дека ЕУ ќе мора да продолжи по амбициозен пат во ублажувањето на климатските промени, но и да ги зголеми напорите за прилагодување кон нивните последици, потпирајќи се на искуствата од претходните три месеци, во кои Европа беше погодена од невидени топлотни бранови и шумски пожари.

Таа рече дека ЕУ ќе воспостави „алијанса за климатско осигурување“ за да го зголеми осигурителното покритие за штети од екстремни временски настани, изјави денес фон дер Лајен, по летото обележано со суши, шумски пожари и топлотни бранови низ Унијата.

Поради климатските промени, Европа стана континентот што се затоплува најбрзо во светот, двојно побрзо од глобалниот просек.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Хеликоптер на телевизиска екипа се урна додека известуваше за сообраќајка, тројца мртви (ВИДЕО)

Овогодинешната сезона на шумски пожари беше една од најлошите досега во Европа, со серија топлотни бранови што однесоа десетици животи, предизвикаа прекини на електричната енергија, ја намалија продуктивноста и принудија затворање на училиштата.

Според податоците на ЕУ, само една четвртина од економските загуби во Унијата поврзани со климатските промени се осигурани, а новиот систем треба да придонесе за намалување на таа разлика.

„Премногу често, националните буџети стануваат последно средство за покривање на штетата. Треба да преземеме мерки за да ја намалиме оваа разлика“, рече Фон дер Лајен во своето обраќање пред Европскиот парламент.

Иако ЕУ има амбициозна рамка на политики за намалување на емисиите на стакленички гасови, кои предизвикуваат климатски промени, таа бавно се подготвува за последиците од глобалното затоплување, објавува Ројтерс.

Независните советници за клима на ЕУ во февруари изјавија дека Европа недоволно инвестира во прилагодување кон климатските промени и повикаа на мерки, вклучително и подобро планирање за да се избегне изградба на домови во области склони кон поплави и дизајнирање градови за да им се помогне на жителите да се справат со високите температури за време на топлотните бранови.

„Треба значително да ја подобриме подготвеноста“, рече фон дер Лајен.

Таа, исто така, најави и други предлози. Стратегијата за „отпорност на климата“, која треба да биде претставена во октомври, ќе разгледа начини за управување со климатските ризици во 100 ранливи области низ Европа. Планот за топлотни бранови ќе има за цел да ги подобри системите за рано предупредување, додека планот на ЕУ за управување со водите ќе има за цел подобро да управува со ризиците од суша.

Брисел, исто така, побара од високите службеници на противпожарната служба да изнесат предлози за поефикасно управување со шумските пожари, вклучително и можноста ЕУ да формира сопствена флота од авиони за гаснење пожари.