Филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески е добитник на награда за најдобар филм на престижниот филмски фестивал во Санта Барбара, Калифорнија во Соединетите Американски Држави. Филмот се натпреваруваше во интернационалната селекција заедно со уште 11 филма меѓу кои и: номинираниот за Златна палма на Кан минатата година, францускиот „Двоен љубовник“, добитникот на специјална награда на венецискиот филмски фестивал, францускиот „Редот на нештата“ и номинираниот за најдобар филм на Карлови Вари, косовскиот „Непожелен“.
„Ви благодарам Санта Барбара за прекрасната награда. Ми претставува огромна чест што името на нашиот филм е таму заедно со наградените актери и познатите филмски автори. Но и покрај сите ваши обиди, сепак не можам да ви го кажам рецептот за исцелителниот колач.“ – шеговито изјави режисерот Ѓорче Ставрески по повод доделувањето на наградата.