Словачкиот премиер Роберт Фицо, кој повика на продолжување на транзитот на руски гас преку Украина, ќе разговара за ова прашање со претставници на Европската комисија во четврток, соопшти неговиот кабинет.
Кремљ објави дека го поддржува продолжувањето на транзитот на гас преку Украина, но Киев одби да го обнови договорот што ќе го дозволи тоа, тврдејќи дека транзитот на гас и помага на Русија да ја финансира војната, наведува Ројтерс.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го критикуваше Фицо дека се обидува да обезбеди нови испораки на гас од Москва наместо од западните земји, додека Фицо се закани дека ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија на Украина, ќе ја намали помошта за нејзините бегалци во Словачка и ќе го искористи правото на вето врз одлуките на Европската унија поврзани со Киев, соопшти агенцијата.
Фицо се состана со рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ минатиот месец за да разговара за испораката на гас за Словачка.
Словачка и Унгарија вршат притисок врз ЕУ да го обнови снабдувањето со гас преку главниот гасовод.
И унгарскиот премиер Виктор Орбан изминатите денови изрази незадоволство поради неодамнешното раскинување на договорот меѓу Москва и Киев со кој се овозможи Европа да се снабдува со евтин руски гас.
Украина упорно одбива да го обнови договорот, додека ЕУ тврди дека Унгарија и Словачка лесно можат да најдат други извори на енергија.