Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговата сопруга Емине ќе присуствуваат на погребот во Бол на граѓаните кои загинаа во пожар во хотел во ски-центарот Карталкаја, соопшти денеска директорот за комуникации Фахретин Алтун.
Алтун на својот профил на социјалните мрежи изјави дека претседателот и неговата сопруга денеска ќе ја посетат Бола.
Во рамките на нивната посета тие ќе присуствуваат на погребот на граѓаните кои ги загубија животите во пожарот во Карталкаја“, напиша Алтун, пренесе ТРТ Хаберлер.
Знамињата низ Турција и во дипломатските претставништва на земјата ширум светот денеска беа спуштени на половина копје во знак на национален ден на жалост по вчерашниот пожар во зимскиот центар, јавува Anadolu Agency.
Знамињата беа спуштени на половина копје и на зградите на турските дипломатски претставништва во земјите од регионот.
Пожарот што избувна во хотелот Гранд Картал во северна Турција во вторникот нешто по 3 часот по полноќ е ставен под контрола по десет часа гаснење.
На местото на несреќата се испратени бројни екипи за одговор при итни случаи од соседните градови, вклучително и пожарникари, единици за одговор при катастрофи и медицински тимови поддржани од хеликоптери.
Околу 230 луѓе биле евакуирани од хотелот кој во моментот на несреќата бил полн бидејќи бил екот на зимската сезона. Покрената е истрага за причините за пожарот.
Девет лица, меѓу кои и сопственикот на компанијата, се приведени во врска со катастрофата во која загинаа 76 лица, потврди министерот за внатрешни работи Али Јерликаја.
Досега се идентификувани 52 лица, а Јерликаја претходно соопшти дека во пожарот е повредено 51 лице, од кои едно во критична состојба, а 17 по укажаната помош се пуштени од болница.
Се вели дека тимовите на Претседателството за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) и противпожарниот персонал внимателно работат за да спречат уривање на хотелот, бидејќи тој главно е направен од дрво.
Снимките снимени по пожарот покажуваат дека покривот на 12-катниот хотел претрпел голема штета, искршени се прозорците, а се што е внатре целосно изгорело.
Еден од вработените за медиумите изјавил дека катастрофата не можела да се избегне бидејќи хотелот немал доволно противпожарни апарати, а имало и аларм за пожар, но не работи.
Карталкаја, во провинцијата Бол, е една од најважните зимски туристички дестинации во Турција и привлекува илјадници гости за време на скијачката сезона.