По одлуката кон државите од Европска Унија да се пропуштаат само оние лица кои доаѓаат од воени подрачја на Блискиот исток, поточно од Сирија, Ирак и Авганистан, на јужната граница во Гевгелија се наоѓаат околу илјада економски мигранти, јавува Радио Слободна Европа.
Бројката варира од ден на ден, јавува МВР, откако најверојатно по потрага по други патишта, некои од мигрантите заминуваат, додека останатите, протестираат на пругата во меѓуграничната зона.
Како што јавува РСЕ, мигрантите кои доаѓаат од Либија, Мароко, Сомалија, Пакистан, Конго и Бангладеш, незадоволни од спуштените рампи, го изразиле нивното незадоволство со протест, со поставување на шатори во меѓузоната помеѓу македонската и грчка граница.
Во меѓувреме, српскиот портал Блиц соопшти дека на границата, мигрант од Иран се заканил дека ќе си ги пресече вените ако не биде пуштен понатака, при што во обид да му биде одземено сечилото, се расекол по лицето.
Во меѓувреме, во посета на Македонија пристигна Доналд Туск, претседателот на Европскиот Совет кој вети помош за Македонија по прашање на бегалската криза но без конкретно да каже каква помош ќе добие државата наскоро. Тој беше пречекан од претседателот на РМ, Ѓорѓе Иванов.
Министерството за внатрешни работи во последниот веб – извештај објавен на 21 ноември соопшти дека во петок, состојбата е редовна и на северната и на јужната граница, со околу 700 лица на кои не им е дозволен влез, додека останатите мигранти се примаат во согласност со процедурите.