Драстичен пад на туризмот во Куба поради санкциите на САД. Градовите празни, летовите откажани

Сподели со своите пријатели

Бројот на туристи во Куба се намали за 62 проценти во првите седум месеци од 2026 година во споредба со истиот период минатата година.

Само 419.000 луѓе го посетиле островот, во споредба со 1,1 милион минатата година.

Овој драстичен пад во клучниот економски сектор е резултат на зголемениот американски притисок, што вклучува ограничување на снабдувањето со нафта и други енергетски производи на Куба, пишува АП.

Официјалните податоци објавени вчера од Националната канцеларија за статистика и информации (ONEI) само ја потврдуваат состојбата што е видлива на терен.

Туристичките дестинации се празни, а хотелите, хостелите и приватните сместувања се претежно затворени.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Шок во Сирија: Откриени траги од таен нуклеарен реактор

Странските посетители се ретки на плажите, во продавниците и на познатите туристички локации.

Туризмот е главен двигател на економијата на Куба во последните триесет години.

Властите потврдија дека годишните приходи од туризмот достигнале три милијарди долари. На пример, во 2019 година, околу 4,3 милиони туристи го посетиле островот.

Последици од американските санкции

Кризата ескалираше во јануари кога американскиот претседател Доналд Трамп воведе радикално енергетско ембарго со цел да ја принуди Куба да го промени својот политички и економски модел.

Ова дополнително ја продлабочи постојната криза, предизвикана од претходните американски санкции и неуспехот на домашните финансиски реформи, што ја поттикна инфлацијата.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Тајланд воведува нови, построги правила за туристите од ЕУ

Помеѓу мај и јули, американскиот Стејт департмент објави нови санкции кои директно ја таргетираа туристичката индустрија.

Мерките вклучуваа замрзнување на сметки и забрана за работење во рамките на американскиот финансиски систем.

Затоа хотелските синџири како што се „Мелиа“, „Иберостар“ и „Ројалтон“, кои работат на Куба од деведесеттите години, ги раскинаа сите договори.

Можноста за користење на системите за плаќање „Виза“ и „Мастеркард“ е исто така суспендирана.

Големите авиокомпании, вклучувајќи ги „Ворлд2Флај“, „Ер Франс“, „Туркиш ерлајнс“ и „Иберија“, претходно ги суспендираа летовите бидејќи кубанската влада објави дека авионите повеќе не можат да полнат гориво на островот.