Метеоролошката агенција на Исланд денеска соопшти дека под земја во близина на Рејкјавик започнала ерупција на вулканска магма, но дека моментално ја нема на површината.
„Засега магмата не стигнала до површината, но најверојатно ќе има ерупција“, се вели во соопштението.
Покрај подземната ерупција на магма, областа ја погодија и повеќе од 100 мали земјотреси.
Локалната полиција соопшти дека е евакуирана блиската луксузна бања Blue Lagoon, како и рибарскиот град Гриндавик, каде има околу 40 куќи, пренесува АП.
Метеоролошката агенција соопшти дека волуменот на магмата под вулканот Сварценги е на највисоко ниво од серијата ерупции во декември 2023 година.
„Акумулацијата на магмата продолжува, но стапката на искачување е забавена во последните недели“, соопшти агенцијата.
Сеизмичката активност постепено се зголемува во последните недели, што покажува дека притисокот на местото на ерупцијата се зголемува, се наведува на веб-страницата на агенцијата.
Исланд, познат како „земја на мразот и огнот“ поради многуте глечери и вулкани, се соочи со 10 ерупции јужно од Рејкјавик од 2021 година, а ова може да стане 11-та ерупција во областа.
Засега нема значително ширење на пепел во стратосферата, поради што авиосообраќајот не е нарушен.