Завршија годинашните ископувања на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане кои ги спроведе тимот археолози од НУ Музеј Куманово, информираа од установата.
И годинава пронајдени се интересни детали, монограм, печати на керамика кои укажуваат на постоење на развиена цивилизација кога егзистирала кон крајот на 4 век пред наша ера високо на север.
Истражувани беа две простории од кои едната се користела како складиште.
-Едната просторија е откриена покрај големиот канал за вода и веројатно е користена како складиште. На стабилната подлога од набиена земја, варовник и глина, биле ископани јами во кои биле поставени складишни садови, најчесто питоси, но и амфори. Во тој простор беше пронајдена амфората за вино со печат од островот Тасос, датирана кон крајот на 4 век. Тука, пронајдовме фрагменти на уште неколку печатени садови, меѓу кои и монограм (на владетел, производител или град) кој за сега е неидентификуван и без идентични паралели, како и печат од прстен со детална претстава на орел, аплицирана на помал складишен сад. Мотивот на орел е особено чест во нумизматиката на македонските кралеви почнувајќи од Александар III Македонски, а доминира во претставите на последниот македонски крал Персеј. И двете претстави за сега се уникатни, а треба да споменеме и дека принципот на украсување на садови преку отпечаток од прстен во хеленистичкиот период е исклучително редок начин на украсување, кој се јавува само во развиените производни центри, изјави археологот Дејан Ѓорѓиевски.
Пронајдени се фрагменти од устие на питоси, на кои има изгравирано букви кои веројатно го следат грчкиот метрички систем за означување на количина и волумен.
Иако, се работи за пропратна просторија во која не се живеело, и тука, како и во изминатите години, археолозите пронашле траги од украсени ѕидови со боен малтер, во вообичаената хроматика од македонските градови на југ.
-Во секој случај, пронајдоците повторно недвосмислено покажуваат дека оној која ја користел градбата целосно го адаптирал медитеранскиот начин на живеење во неидентификуваната тврдина на ридот покрај реката Пчиња, додаде Ѓорѓиевски.
Втората откриена просторија не била користена за живеење, односно претставува помошна просторија делумно вклесана во карпа.
-Откриените слоеви во неа се покажаа неверојатно важни за нас и за првпат со сигурност ни покажаа дека постои понов слој на живеење врз запалената градба, со материјална култура која е очигледно многу попримитивна од нивните претходници. Можеби станува збор за живеење од периодот на келтските населувања на Балканот, по македонско-римските војни, иако сè уште ги немаме откриено најтипичните показатели за келтската материјална култура. Поради малите финансиски средства ископувањата се одвиваа во помал обем, и повторно остана простор кој треба да се доистражи за да се добие целосна слика за градбата поставена на највисокиот дел од ридот, посочи Ѓорѓиевски.
При истражувањето се користел дрон LIDAR, што се користи за првпат и археолозите очекуваат да добијат сознанија за границите на населбата, за околните објекти, некропола кои ќе се истражуваат идните години.
Ископувањата беа финансирани од Министерството за култура.
МИА