Дојавата за поставена експлозивна направа во Основното училиште „Магдалена Антова“ во населбата Карпош во Куманово, е лажна.
Ова е првото училиште од Куманово кое утринава пријавило дека добиле закани на мејл, по што како што информираше директорот Живко Стојковски, училиштето веднаш го евакуирале.
– Отворив мејл во 07:40 и видов дека на училишниот мејл има закана за бомба во училишето. Веднаш го известив ЦУК на 112, тие ме поврза со полиција, веднаш дојде полиција, крим техника од АНБ. Учениците веднаш беа безбедно евакуирнаи и го напуштија училиштето. Проверија, сите простории во и околу училиште, видоа дека нема ништо изјави Стојковски.
На смена биле над 300 ученици од најамлите одделенија, па за да не се крева паника и страв, им рекле дека ќе се прави дезинфекција.
– Учениците ги известивме дека ќе се прави дезинфекција, тоа се мали деца, за да не се крева паника. Безбедно излегоа. Имавме вежби во случај на вакви појави, од пред две години кои се случија. Бидејќи се мали деца, да не се крева паника, да не настане било каков несакан ефект, затоа беа известени дека се прави дезинфекција и дека е вежба, појасни директорот.
Иако во изминатите две години имаше дојава во кумановските училишта, ООУ „Магдалена Антова“ за прв пат сега се соочува со ваква лажна дојава.
Како што додаде директорот, по потврда од единиците за антитероризам дека нема никаква закана, втората смена ќе оди на настава.
Во меѓувреме до нашата редакција пристигнаа информации дека во десетина училишта низ градот утринава пристигнале, но и се уште пристигнуваат дојави за бомби.
Меѓу таргетираните училишта, неофицијално се и централните, но и училишта во приградските населби.
Никола Ивановски