До каде е постапката за отворање на ЛИДЛ во Куманово?

Сподели со своите пријатели

Ланецот маркети ЛИДЛ треба да отвори голем логистички центар во Куманово, но тој процес сѐ уште е далеку од почеток поради долги бирократски процедури.

Loading...

На денешната седница на Советот на Општина Куманово, градоначалникот Максим Димитриевски одговарајќи на советнички прашања, вели дека одговорност за доцнење кај општината нема.

Од страна на германската компанија Шварц до општината биле доставени две писма со намера за инвестиција во индустриската зона Новине и Речица.

Според тоа писмо, целта е Куманово да биде локација за огромен логистички центар за неколку маркети кои компанијата ќе ги отори низ целата држава.

Постапката оди споро

ЛИДЛ според претходни најави, планира логистичкиот центар во Куманово да е на 200.000 метри квадратни површина.

За таа цел, вчера Советот на Општина Куманово изврши измена на детален урбанистички план за индустриската зона за да спои неколку парцели.

Тие парцели сега пак треба да се понудат на јавно наддавање, што не значи дека ќе бидат купени токму од таа компанија.

– Ќе се отвори јавна лицитација на која ќе можат да учествуваат сите и потоа ќе биде отуѓена таа парцела и согласно обврските од законот инвеститорот ќе има можност да инвестира на самата локација, тој кој ќе ја откупи парцелата. Не можеме да прејудицираме кој ќе биде тоа, согласно закон може да се јават и да наддаваат и други фирми, појасни денеска кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.

Loading...

Како што додава процесот се одолговлекува поради сложени бирократски процеси на релација ресорни министерства, Влада и Општина Куманово.

Општината очекува поголем прилив на пари

Општина Куманово очекува просторот да се продаде за 25 евра или повеќе, откако претходно грчка компанија таму купи за 16 евра. Но, тоа не може да се знае со оглед дека почетната цена за лицитација е само едно евро.

– Колку ќе биде утврдената цена, сега почетна цена согласно закон е едено евро за метар квадратен, сметам дека ќе оди над 25 и повеќе евра. Доколку се јават поголем број заинтересирани, ако се јави едно лице може да се затвори со еден клик и да заврши локацијата со едно евро. Не би сакал да се продаде за толку пари, не постои земја која продава градежно земјиште за тој износ, вели градоначалникот.

Ако се постигне цената од 25 евра за квадрат, општината би можела да инкасира неколку милиони евра само по основ на продажба на државното земјиште.

Но, тоа, вели Димитриевски, ќе донесе и нови вработувања и ќе го зголеми економскиот потенцијал на општината.

Пречки во процесот

Според претходни реакции на Димитриевски високи структури на власта го кочеле процесот за инвестирање. Денеска појаснува дека од поединци имало проблем со земјиштето.

Првин тоа било дадено како земјоделско земјиште на закупец под концесија, па тој договор морал да се раскинува.

– Општината ги туркаше сите тие предмети дополнително потоа се јавија нови проблеми за преуцртување и добивање согласност од Министерство за транспорт и врски за изградба на секундарната инфраструктура во индустриската зона. Неколку пати беше враќан предметот, конечно го разрешивме тоа. Последен пат мора да кажам ресорното министерство многу ургентно по моја интервенција кај еден од вицепремиерите, беше разрешен проблемот, најдено соодветно решение, добивме согласност, појаснува тој.

Loading...

Но, инвеститорите имаат свои рокови. Димитриевски уверува дека општината своите обврски навремено ќе ги заврши оти не сака да изгуби таков голем инвеститор.

Сите го сакаат овој инвеститор

Според Димитриевски, сите општини кои имаат такви индустриски зони, а и приватни лица кои имаат големи површини земјиште сакаат да го придобијат овој инвеститор. Тој сепак одлучил да инвестира во Куманово.

– За наша среќа, нашата локација одговара на нивните потреби за изградба на логистички центар, ако ја завршиме постапката мислам дека сериозноста на инвеститорот е голема и ќе биде завршена комплетно, појаснува тој.

Инкасираните пари ќе се реинвестираат во индустриската зона

Според Димитриевски, од зделката за продажба на државното земјиште, 80 отсто од парите ќе ги добие општината.

Тие пари планира да ги реинвестира во самата индустриска зона, со цел преостанатите парцели да добијат поголема вредност.

– Како општина инвестиравме скромни средства во оваа индустриска зона за да се покачи интересот за неа. Имаме намера дел од средствата, најголем дел од средствата од оваа локација повторно да ги инвестираме таму за да цените на парцелите кои ќе останат за продажба се покачат уште повеќе. Со тоа 80 отсто од вкупниот износ на лицитацијата доаѓаат во буџетот на Општина Куманово кои потоа можеме да ги инвестираме во други проекти, рече градоначалникот.

Според најавите од Владата претходно, инвеститорот има намера да вложи 80 милиони евра само во логистичкот центар во Куманово и да вработи 150 лица.

Никола Ивановски

Loading...