Девет рудари загинаа откако беа заробени по експлозија во рудник во општината Сутаутас во Колумбија, објави весникот „Нотиција Каракол“.
„Националната агенција за рударство (ANM) ја информира јавноста дека, по вонредната состојба во општината Сутаутас, девет лица се потврдени како мртви во рудникот Ла Кискуда, управуван од Карбонера Лос Пинос САС, пренесува Танјуг.
Агенцијата изразува солидарност со семејствата на жртвите и жали за оваа рударска несреќа во која, благодарение на навремените спасувачки акции, шест рудари беа спасени во живот“, се вели во соопштението.
Шестете рудари кои беа спасени беа префрлени во Регионалната болница Убате, каде што сè уште се под медицински надзор.
Сè уште не се познати конкретни детали за сериозноста на нивните повреди.
Операцијата за спасување траеше неколку часа и беше спроведена од специјализирани екипи за спасување во рудници, координирани од Националната агенција за рударство (ANM).
Во времето на експлозијата, во рудникот имало вкупно 15 работници, објави „Инфобае“.
Според прелиминарните информации, несреќата се случила поради акумулација на гасови, изјави гувернерот на департманот Кундинамарко, Хорхе Емилио Реј.
Експлозијата се случила на длабочина од околу 600 метри, во делот од рудникот познат како Мантогранде.
Спасувачите внимателно ги следат нивоата на гас пред да влезат во рудникот, поради ризикот од токсични испарувања.
Според претставникот на противпожарната служба, Алваро Фарфан, сите расположиви екипи се мобилизирани и работат координирано за да ги лоцираат и спасат заробените рудари. Во тек е операција за спасување.

