Десет планинари исчезнаа во лавина што се случи на еден од највисоките врвови во светот, Брод Пик, а меѓу нив е и светски познатиот алпинист Нирмал Пурџа, кој ја предводеше групата.
Лавината на една од 12-те највисоки планини во светот (висока 8.051 метри) се случи во четврток, а сите обиди за контактирање со исчезнатите досега беа неуспешни, објавува Гардијан.
Во групата беа планинари од Непал, САД, Пакистан, Оман и Кина.
Големата лавина се случи околу 9:20 часот наутро по локално време, но алармот не се вклучи до 13 часот, а Планинарскиот клуб на Пакистан вели дека дознале за лавината дури во 22 часот, поради што целиот ден бил изгубен, објавува Explorers Web.
На планината имало четири екипи, а според првите податоци на трагачите, алпинистите престанале да се искачуваат околу 9:30 часот наутро по пакистанско време, а потоа паднале неколку стотици метри.
Според извештаите, два хеликоптери со спасувачи и кислород треба да полетаат до Брод Пик денес.
Според „Имеџин Непал“, алпинистите на Брод Пик стигнале до Камп 2 во среда, а планот бил да одат до Камп 3 во четврток, а потоа, по кратка пауза, да продолжат до врвот во петок, но лавината најверојатно ги погодила на патот помеѓу двата логора.
Пурџа, кој предводеше еден од тимовите и е поранешен член на британските специјални сили, влезе во историјата во 2019 година искачувајќи ги сите 14 светски врвови повисоки од 8.000 метри за нешто повеќе од шест месеци, потсетува „Гардијан“.
Тој е познат и по појавувањето во документарец на Нетфликс во 2021 година, кој хронолошки го следеше неговиот обид да ги освои 14-те највисоки планини во светот за помалку од една година, во кој рече дека решил да користи дополнителен кислород за своите искачувања, оправдувајќи го својот избор со огромниот предизвик што си го поставил.
Тој се приклучил на Британската армија во 2003 година и станал Кралски маринец во 2009 година.

