Генерал – мајор Методија Величковски е нов началник на Генералштабот на АРМ, а на оваа функција доаѓа на местото на досегашниот началник, генералот Горанчо Котески.
Претседателот Ѓорге Иванов во текот на вчерашниот ден во Охрид го потпиша указот за назначување на Величковски, по разрешувањето на Котески, кој веќе една година беше на функцијата со истечен мандат, пренесува Макфакс.
Инаку, по повод 18 Август – Денот на АРМ денеска пред зградата на Министерството за одбрана и ГШ на АРМ ќе се одржи пригодна свеченост.
На свеченоста предвидено е присуство на претседателот на Република Македонија и Врховен командант Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, министерот за одбрана Зоран Јолевски, Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, како и министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Македонија, амбасадорите и воените аташеа акредитирани во Република Македонија, и други гости.
Според протоколот на свеченоста, предвидено е со пригоден говор на присутните ќе им се обратат претседателот Иванов и министерот за одбрана.