Велика Сабота е ден од Страдалната Седмица. Според источното христијанство тој е осми ден од Страсната Седмица, односно 7 дена по Лазаровата Сабота и шест по Цветници. А според западното христијанство тој е седми ден од страсната седмица, односно шест дена по Цветници.
Велика сабота е посветена на споменот на пребивањето на Исус Христос во гробот, и Неговото слегување во адот. Сабота, значи покој. Велика Сабота е ден на покојот, ден на Покојникот, ден на Најголемиот покој и на Најголемиот Покојник.
Тоа е денот меѓу смртта и воскресението, меѓу Петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста. Денот на Големиот Покој е времето кога Христовото тело е во гробот. Покојникот е внатре од вчера.
Овој е втор ден на христијанската жалост, тага и молк. Ден на длабоко молчание, созерцание и покој.
Сабота е денот на оплакувањето на Покојникот. Тогаш, Христовата Мајка – Пресветата Богородица и жените мироносици, по погребението, го оплакувале Исуса Христа. Денес на овој ден се изразува болката, тагата и жалоста на Пресвета Богородица. Велика Сабота е определена како Ден за чување на гробот.
Во Македонија некои на Великата сабота, за празник ја сметаат само додека се во црквата, а потоа може да се работи. На овој ден се прават последните подготовки за празникот, се чисти куќата и се готви храна. Во Мариово жените ги переле појасите верувајќи дека не ќе ги боли половината во текот на годината кога ќе копаат и жнијат.
Вечерта, околу полноќ, се оди во црквата каде што секој носи црвено јајце. Во Радовиш носеле и свеќа и зелено гранче или цвеќе, а свеќата запалена од свештеникот ја носеле дома и со неа го запалувале огнот.
На полноќ сите присутни со тропарот „Христос воскресе“ три пати ја обиколуваат црквата. Во црквата се останува за големата литургија, а потоа се причестуваат, се кршкаат со црвените јајца и се омрсуваат.
На малите деца во саботата навечер под перницата им ставаат црвено јајце што им го даваат утрото во неделата кога ги водат во црквата.