Градоначалникот Зоран Дамјановски денес во изјавата за новинарите го образложи ставот на локалната самоуправа по повод протестите во с. Пчиња чии жители денес побараа реконструкција на водоводна и канализациона мрежа со блокада на депонијата ”Краста” како предуслов за исполнување на нивното барање.
Како што потенцираше на денешниот прес, за градоначалникот, ова е веќе видено сценарио кое се повторува во последните десет години, односно се работи за видена стратегија на власта, велејќи дека во лето се сопираат вентилите на кумановската брана, а во зима се блокира единствената депонија на градот.
- Ова е видена работа, но мене не ми е јасно каде е улогата на локалната самоуправа. Како претседател на Североисточниот плански регион имаме потпишано меморандум со Министерството за екологија за изработка на регионален план за управување со отпад, и депонијата според договорот ќе биде затворена во 2020 година. Мислам дека ова е само алиби за да се дојде до некаква состојба каде ќе се упери прстот кон локалната самоуправа, и сакам да порачам дека ова се случува по десети пат во последните неколку години да се блокира депонијата.
Дамјановски нагласи дека веќе има остварено неколку средби со жителите на село Пчиња, и денешниот нивен ултиматум изразен со блокада на депонијата за да се изгради нова водоводна и канализациона мрежа e нелогичен и се работи за проект направен во 2008, но, имплементацијата не зависи од општината туку од Министерството за транспорт и врски.