Сириските бунтовници денеска го зазедоа градот Дара, местото каде што избувна бунтот во 2011 година, што е четврти град што претседателот на таа земја Башар ал Асад го загуби во последните седум дена.
Според бунтовниците, армијата се согласила да се повлече од Дара, со договор за безбедна евакуација на нејзините офицери во Дамаск, објави Ројтерс.
Дара, град кој пред војната имал повеќе од 100.000 жители, има симболично значење како поранешен епицентар на бунтот, истакнува агенцијата.
Бунтовниците вчера соопштија дека напредуваат кон Хомс, клучниот град на патот кон брегот, со што ќе ја прекинат врската на Дамаск со енклавите на Асад покрај морето.
Освен тоа, коалицијата на сириските курдски борци, поддржана од САД, вчера го зазеде градот Деир ел Зор на истокот на земјата, додека бунтовниците веќе ги зазедоа Алепо и Хама.
Експертите предупредуваат дека режимот на претседателот Асад сега е во сериозна опасност, бидејќи неговите сојузници како Русија и Иран се ослабени во последните месеци.
Водачот на бунтовничката група Хајат Тарир ал-Шам, Абу Мохамед ал Голани, рече дека бунтот го „скршил непријателот“ и дека бунтовниците сега можат да стават крај на владеењето на Асад.