Бункер за шверцување стока, траки за поддршка на мускули и парфеми и тоалетни води биле запленети во повеќе различни случаи изминатата недела на ГП Табановце.
– Во соработка со МВР, служба за мобилни скенери откри случај во кој автомобил со германски регистарски таблички бил специјално конструиран, адаптиран и прилагоден со цел криење стока. Случајот е откриен на излез на граничен премин Табановце, каде со мобилен скенер е извршено скенирање на автомобилот, при што се откриени бункери во праговите, информираат од Царинската управа на Македонија.
Автомобилот како што додаваат од ЦУ, е запленет, а до надлежниот суд ќе биде поднесена соодветна пријава до возачот на автомобилот, инаку македонски државјанин, заради прекршување на царинските регулативи.
Во друг случај биле откриени 329 кинезиолошки траки за поддршка на мускули.
– Тие се пронајдени во багажник на автомобил со германски регистарски таблички управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат, појаснуваат од Царина.
111 парфеми и тоалетни води биле пронајдени во трет случај, во багажник на автомобил со германски регистарски таблички со кој македонски државјанин се пријавил за влез во државата на граничниот премин Табановце.
Никола Ивановски