Уште шест лица починаа од повреди здобиени во инцидент на фудбалски стадион во Индонезија, со што бројот на жртви се искачи на 131, потврди денеска локален здравствен претставник од градот Маланг.
Иако првичните информации говорат дека бројот на загинатите во саботните немири е 174, во понеделникот беше објавено дека загинале 125 лица.
На крајот на фудбалскиот натпревар во Маланг на истокот од индонезискиот остров Јава настана метеж кога неколку илјади навивачи влегоа на теренот, по што полицијата употреби солзавец, пренесува Бета.
Инцидентите се случија поради поразот на домашниот клуб Арема од Персебаја од Сурабаја (3:2).
Началникот на полицијата во провинцијата Источна Јава во Индонезија, Нико Афинта, се извини за превидот.
„Како началник на регионалната полиција, јас сум загрижен, тажен и во исто време жалам за пропустите во безбедносниот систем“, рече Афинта.