Шефот на владината информативна канцеларија во Газа на прес-конференција изјави дека телата на 76 отсто од Палестинците убиени во конфликтот се пронајдени и пренесени во медицинските центри.
Сепак, се верува дека најмалку 14.222 луѓе сè уште се заробени под урнатините или во области недостапни за спасувачите.
Говорејќи во болницата Ал-Шифа во градот Газа, Салама Мааруф им рече на новинарите дека меѓу загинатите има 17.881 дете, вклучително и 214 новороденчиња.
„Повеќе од 2 милиони луѓе се присилно раселени, некои повеќе од 25 пати, во ужасни услови без основни услуги“, додаде Мааруф, истакнувајќи дека 111.588 луѓе се исто така повредени.
„Домовите станаа гробници“
Според Ал Џезира, ажурираните податоци доаѓаат во време на кревкиот прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, кој минатиот месец барем привремено го запре 15-месечниот геноцид во енклавата, што следеше по нападот на Хамас врз јужен Израел во октомври 2023 година, кога вооружената група уби околу 1.200 луѓе и однеле 250 луѓе во Газа како заложници.
Паузата во борбите, која се очекува да трае најмалку до почетокот на март, им овозможи на палестинските спасувачи да пристапат до делови од Газа кои претходно беа недостапни.
„Хуманитарните и медицинските тимови се префрлија од мисии за спасување во мисии за извлекување тела. Стотици домови станаа гробници“, објави Тарек Абу Азам од Ал Џезира од улицата Ал Рашид, рутата по која многу Палестинци се враќаат назад во нивните северни градови.
Мааруф, исто така, го истакна високиот број на жртви меѓу здравствените, хуманитарните и медиумските работници во енклавата.
За време на израелските напади загинаа најмалку 1.155 медицински работници, 205 новинари и 194 вработени во цивилната одбрана.
Преговори за втората фаза
Наскоро се очекува да започнат преговорите за втората фаза од прекинот на огнот, која се одвива во три фази. Целта е да се постигне траен крај на војната.
Посредниците Катар, Египет и Соединетите држави денеска ги отвораат разговорите, но доколку не успеат да ги доведат Израел и Хамас до договор, борбите би можеле да продолжат во март.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој е во Вашингтон и планира средба со претседателот Доналд Трамп, е под притисок на екстремно десничарските сојузници да го прекрши примирјето и да ги продолжи борбите.
Нетанјаху, кој заедно со други израелски функционери и лидери на Хамас се бара од Меѓународниот кривичен суд за наводни воени злосторства, рече дека ќе разговара со Трамп „да го порази Хамас, да ги ослободи сите наши заложници и да се соочи со иранската терористичка оска“ на Блискиот Исток.