Британската влада најави зајакнување на вооружените сили, со цел да се подготви за соочување со „смртоносната четворка“ составена од Кина, Иран, Северна Кореја и Русија.
Владата му довери на поранешниот британски министер за одбрана и поранешен генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон задача да ја анализира состојбата на вооружените сили и да поднесе извештај во првата половина на следната година.
Робертсон оцени дека вооружените сили мора да бидат подготвени за борба, поради високиот степен на закани, пренесува Ројтерс.
Соочени сме со смртоносен квартет земји кои сè повеќе соработуваат и во Британија и НАТО мора да бидеме способни да им се спротивставиме, им рече Робертсон на новинарите.
Британскиот премиер Кир Стармер најави дека инвестициите во одбраната ќе се зголемат на 2,5 отсто од бруто домашниот производ.
Робертсон рече дека минатонеделниот самит на НАТО во Вашингтон покажа дека предизвикот што го поставува Кина треба да се сфати многу сериозно.