Британија ја зголемува поддршката за украинската армија

Сподели со своите пријатели

Велика Британија најави испорака на дополнителни 12.000 комплети за спиење на отворено на украинските војници во текот на зимата, изјави денеска британскиот министер за одбрана Бен Валас.

Loading...

Валас му се придружи на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за да ја набљудува обуката на украинските војници во касарната во селото Лидс, на југоистокот на Англија, пренесоа британските медиуми.

„Зимата се приближува и тоа е важен предизвик за двете страни. Ние сме решени да им ги пренесеме најдобрите основни вештини на украинските војници“, рече тој.

Украинските сили извршија притисок врз руските трупи во јужниот дел на Херсонската област што Москва ја зазеде во февруари, единствената област каде што руските сили се наоѓаат на западниот брег на реката Днепар.

Русија значително го зголеми бројот на своите војници таму во последните месеци, додека украинските сили се обидуваат да напредуваат.

„Не би ме изненадило ако во следните неколку недели ги видиме како успешно стигнале на другата страна на реката“, рече британскиот министер Валас за украинските војници, додавајќи дека затоа е толку важно да се одржи снабдувањето со опрема и поддршка.

„Украина сè уште напредува на истокот на земјата и полека се приближува до Херсон на југ. Тоа е тешка борба“, рече тој.

Столтенберг, кој рече дека сојузниците на НАТО ќе им дадат поддршка на украинските војници во текот на зимските месеци, во Лондон ќе се сретне со британскиот премиер Риши Сунак за да разговараат за иднината на тој одбранбен сојуз.

Loading...