Бразил отвори центар за полициска соработка за борба против криминалот во Амазон

Сподели со своите пријатели

До крајот на годината Бразил треба да отвори центар за меѓународна полициска соработка во борбата против еколошките злосторства и трговијата со дрога во прашумите на Амазон, соопшти денеска бразилската федерална полиција.

Loading...

Центарот ќе служи за координирање на полициските акции во амазонските земји за да се постигнат „многу поефикасни резултати“ во борбата против низа злосторства, како што се уништувањето на шумите и шверцот на злато, дрва и диви животни, се вели во соопштението на полицијата, пренесува Ројтерс.

„Очекуваме да видиме значително намалување на еколошките злосторства во оваа област, како и акција која го вклучува целиот регион на Амазон, а не само неколку изолирани земји“, рече шефот на Директоратот за меѓународна соработка на бразилската федерална полиција, Валдеси Уркиза, јави Танјуг.

Тој додаде дека спроведувањето на таа иницијатива ќе ја чини бразилската влада околу 170 милиони евра, додека годишниот буџет на иницијативата ќе изнесува околу 189 милиони евра.

Борбата против трговијата со дрога, исто така, ќе биде еден од фокусите на центарот, кој на владите на амазонските земји ќе им обезбеди разузнавачки информации за прекугранични истраги, рече Умберто Фраје, шеф на бразилската Федерална полиција за еколошки злосторства, и изјави дека „ нема смисла да се делува само во Бразил“, бидејќи регионалните банди се движат внатре во прашумата за да ги избегнат властите.

Во центарот претставници ќе имаат Боливија, Колумбија, Еквадор, Гвајана, Перу, Суринам и Венецуела.

Полициските организации како Интерпол, Европол и Америпол, исто така, ќе бидат поканети да се приклучат на центарот, рече Фраје.