Боризовска: Љубителите на спортот ќе гледаат добар ракомет оваа сезона

Сподели со своите пријатели

Како најуспешна во Женскиот ракометен клуб Куманово, Александра Боризовска, со својот талент и упорност успеа да обезбеди место и во женската репрезентација каде ги брани боите на својата татковина.

За неа првата половина од годината, како и целата измината сезона во дресот на Куманово помина извонредно и со големи успеси, па затоа одлучивме да поразговараме како е задоволна од резултатите, но и за нејзините планови за иднина.

КМ: Заврши една успешна сезона и за ЖРК Куманово, но и за тебе на личен план. Стана дел од репрезентацијата, како си задовона од она што го постигна?

Александра: Можам да кажам дека завршивме една успешна сезона со Куманово, со оглед на тоа дека со повреди се здобија дел од најдобрите играчи во тимот. Товарот го носеа и помладите ракометарки, кои беа истрајни до самиот крај на сезоната. Сметам дека во нашиот град, женскиот ракомет е спорт број еден. Има голем број на љубители, кои воедно и не поддржуваат на секој натпревар, во се поголем број. Огромна чест и задоволство ми е што сум дел од Репрезентацијата на Македонија. Мислам дека тоа е сон на секој спортист, да ги брани националните бои. Секој натпревар е големо искуство и поттик уште повеќе да работам на себе и да се надоградувам.

КМ: Спортот несомнено носи добри случувања, што можеш да издвоиш како најинтересен настан годинава?

Александра: Спортот навистина носи неочекувани случувања. Како најдобар дел би го издвоила почетокот на сезоната, кога сите ракометарки бевме на ниво на задачата. Подоцна почнаа да настануваат повредите и да се провлекуваат во текот на целата сезона, со оглед на тоа дека и јас имав повреда на левиот лакт и паузирав месец дена. Навистина беше тешко, дел од клучните натпревари, да се следат од трибина.

 

Loading...
ПРОЧИТАЈТЕ И:  22-годишник нападнат во кумановско Љубодраг

 

КМ: Сметаш ли дека Куманово ќе можеше повеќе да не беа повредите на дел од најдобрите во тимот?

Александра: Секако, не се сомневам во тоа. Првичната цел ни беше да бидеме второпласирани веднаш зад Вардар СЦЈС, но откако настанаа повредите, помладите ракометарки исто така го пружија својот максимум, за да на крајот од сезоната се најдеме помеѓу првите три екипи.

КМ: Управата на ЖРК Куманово започна да го подготвува новиот состав, како течат преговорите дали веќе договоривте твој ангажман и во претстојната сезона?

Александра: Разговарав со дел од управата и колку што сум запознаена во новата сезона составот освен со домашните ракометарки ќе биде комплетиран со уште неколку ракометарки од страна. Што се однесува до мене, се уште нема ништо конкретно, но се надевам дека и тоа ќе се реши во поскоро време.

КМ: Сметаш ли дека со ослабнатиот состав на Вардар шансите за титула на Куманово се поголеми?

Александра: Дефинитивно, со распаѓањето на „големиот“ Вардар секако дека имаме огромни шанси титулата да ја донесеме во Куманово. Мислам дека мотивацијата е на големо ниво и кај останатите екипи и очекувам дека ќе има сурова борба за таа прва позиција.

 

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Синот првпат го виде тато без мустаќи, неговата реакција насмеа милиони (ВИДЕО)

 

КМ: Што ги мотивира ракометарките и тебе лично во моменти кога е најтешко и се игра гол за гол, а натпреварот е од исклучителна важност?

Александра: Ние, спортистите, секојдневно сме изложени на психофизички напори, па така освен физичка спремност, ние градиме карактер. Да не заборавиме дека ракометот е колективен спорт, играчите се насочени едни кон други заедно со тренерите. Во екипата треба да владее хармонија, истрајност, желба за победа и според мене најглавната компонента е дисциплината. Во моментите кога е најтешко и кога се игра под голем притисок треба дисциплината да е на високо ниво бидејќи мислам дека само така ќе има позитивен резултат.

КМ: Имаше можност со Куманово да настапуваш и на меѓународната ракометна сцена. Какви искуства носиш од таму?

Александра: Да, досега со ЖРК Куманово имаме настапувано на EHF Challenge Cup во Мостар, Босна и Херцеговина во 2013 година, во Шпанија, против Алкобендас во 2016година и против екипата на Лублин од Полска изминатата 2017годдина. Секој меѓународен натпревар е од голема важност. Сепак би се задржала на последниот настап против Лублин, кои се исклучително добра екипа, со искусни ракометарки, кои воедно и го освоија Купот и изборија место во Лигата на Шампионите.

КМ: Кога всушност Александра започна да ја открива љубовта кон ракометот?

Александра: Морам да кажам дека ракометот никогаш не ми бил интересен спорт. На своја 12-годишна возраст почнав да тренирам кошарка, но тогаш во Куманово немаше женска екипа и немав услови да продолжам, додека женската ракометна екипа на Куманово бележеше добри резултати. Во оваа прилика го поздравувам и му се заблагодарувам на мојот професорот по физичко образование Синиша Филиповски, кој воедно беше и иницијатор да почнам да се занимавам со ракомет. Во ракометот се пронајдов, ми се допадна таа динамична игра и еве повеќе од една деценија како се занимавам со овој спорт.

 

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Приведен кумановец. Се однесувал агресивно кон полицајци

Loading...

 

КМ: Доколку не се занимаваш со ракомет што би била твојата професија?

Александра: Доколку не се занимавам со ракомет. Хммм.. секако тоа ќе биде спорт. Многу сакам тенис, па мислам дека тоа би била една од алтернативите, но, ако не е спорт, тоа дефинитивно би била психологијата.

КМ: Што те исполнува во слободно време?

Александра: Слободното време, доколку сум во можност, сакам да го поминувам со моите најблиски, тоа е она што ме исполнува и што ме смирува.

КМ: Какви се плановите за летото?

Алексадра: Се уште немам никакви планови за летото. Она на што се фокусирам моментално се Медитеранските игри во Тарагона, Шпанија. Се наоѓаме во група со репрезентациите на Турција, Србија, Црна Гора и Египет. Со репрезентацијата, имавме еден вид на подготовки во Охрид, а на 21ви заминуваме во Тарагона. Има добра атмосфера на тренинзите, ќе го дадеме својот максимум на теренот и се надевам дека ќе се претставиме во најдобро светло.

 

 

КМ: Што ќе им порачаш на љубителите на ракометот во Куманово?

Александра: Како што кажав предходно, со ослабениот состав на Вардар и другите екипи добиваат мотивација плус за подобар пласман. Љубителите на спортот ќе гледаат добар ракомет оваа сезона.

Leave a Reply