Борел: Го напуштам Брисел фрустриран затоа што не успеавме да го запреме масакрот во Газа

Сподели со своите пријатели

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика во заминување, Жозеп Борел, денеска изјави дека го напушта Брисел „со голема фрустрација“, бидејќи не успеал да го спречи, како што наведе, масакрот што го врши Израел врз Палестинците во Газа.

Loading...

„Го напуштам Брисел со огромна, гигантска фрустрација, бидејќи не можевме да го запреме тој масакр“, рече Борел во интервју за шпанското национално радио RNE, што е негово последно интервју во улога на шеф на дипломатијата на Европската унија.

Борел, кој пред неколку дена во Јордан разговараше со претставници на ОН кои се задолжени за хуманитарна помош и на кои Израел не им дозволува да достави помош во Појасот Газа, рече дека тогаш слушнал „сурови работи“, пренесе РТВЕ.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Најмалку 20 Палестинци убиени во израелските напади врз Газа

„Ми кажаа сурови работи. На северот на Газа има 250.000 луѓе на кои престанавме да им помагаме бидејќи не можеме да влеземе. Нивото на безбедност таму е под нулата. И што ќе се случи? Тие луѓе ќе умрат“, рече Борел.

Тој предупреди дека Палестинците таму ќе умрат од глад, болест и напуштеност.

„Единствено што може да се направи е да се изврши притисок врз Израел да дозволи влез на хуманитарна помош. Но, тоа не се случува“, изјави Борел.