Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, кој има 85 години, најави дека ќе се кандидира за место во Сенатот на изборите следниот месец, по деветгодишно отсуство од политиката.
Италијанскиот медиумски магнат раководеше со четири влади откако влезе во политиката во 1994 година, но привремено му беше забрането да извршува јавна функција откако беше осуден за даночна измама во 2013 година, објави Ројтерс.
Неговата последна влада падна две години претходно, поради растечката должничка криза и скандалот околу таканаречените „бунга бунга“ забави во неговата вила во близина на Милано.
Берлускони за државното радио изјави дека многу луѓе внатре и надвор од неговата партија Форца Италија го повикале да се кандидира на претстојните избори, па затоа мисли дека на крајот ќе биде кандидат за Сенатот и сите ќе бидат среќни.
Умерен дел од конзервативната алијанса
Во својата осма национална изборна кампања, Берлускони повторно се потпира на видот на рекламна кампања што му помогна да победи претходно.
На големите екрани на железничките и метро станиците ширум земјата, има фотографии од Берлускони со младешки изглед со слоганот „Сега повеќе од кога било, изберете страна“.
Форца Италија се смета за умерен дел од конзервативната алијанса во која доминираат две десничарски партии, Браќата на Италија на Џорџо Мелони и Лигата на Матео Салвини.