Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир денеска го повика министерот за финансии Безалел Смотрич да му се придружи во заканите дека ќе поднесе оставка од владата доколку се постигне договор за ослободување на заложниците кои ги држеше палестинската милитантна група Хамас во Појасот Газа.
Бен Гвир истакна дека единствениот начин да се спречи „договорот за предавање на Израел“ е Смотрич да му се придружи во неговите барања.
Во објава на Платформа Х, Бен Гвир изјави дека во текот на изминатата година повеќе пати го попречувал договорот за ослободување на заложниците.
Тој, сепак, вели дека сега нема моќ да го запре договорот бидејќи израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја прошири владејачката коалиција со доведување на партијата Нова надеж на Гидеон Сар.
Опозицискиот лидер Јаир Лапид рече дека коментарите на Бен Гвир ги докажуваат неговите обвинувања дека владата не постигнала договор за ослободување на заложниците од политички причини, објави Тајмс оф Израел.
Бен Гвир и Смотрич се од различни екстремно десничарски партии и учествуваа заедно на последните избори, но дејствуваат независно.
Тие во последните недели беа спорни и за финансирањето на полицијата од буџетот.
Американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден изјави денеска дека договорот што ќе обезбеди ослободување на заложниците и прекин на огнот во Газа е блиску до постигнување и дека неговата администрација посветено работи на постигнување на тој договор.
Се очекува Хамас да ослободи 33 заложници во текот на првата фаза од новиот договор за прекин на огнот што го финализираат преговарачите во Доха, изјавија двајца израелски официјални лица, пренесе Си-Ен-Ен.
Израел верува дека околу половина од 98-те заложници во Појасот Газа се уште се живи.