Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека го поддржува одржувањето на нови избори во Венецуела.
Бајден им изјави на новинарите откако бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва предложи венецуелскиот лидер Николас Мадуро да распише нови избори, со учество на меѓународни набљудувачи, како потенцијално решение за политичката криза во таа латиноамериканска земја, пренесе Ројтерс.
Лидерката на венецуелската опозиција, Марија Корина Мачадо, сепак ја отфрли можноста за одржување нови избори.
„Изборите веќе се одржаа“, им рече Мачадо на новинарите во видео повик.
САД сакаат да ги видат податоците од гласањето
Во исто време, како што соопшти Белата куќа, САД не му понудиле амнестија на венецуелскиот претседател Николас Мадуро по спорните избори.
Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, изјави за новинарите дека САД сè уште сакаат да ги видат податоците од гласањето во Венецуела.
Изборната комисија објави дека Мадуро доби трет мандат на изборите на 28 јули, додека опозицијата го прогласи својот кандидат Едмунд Гонзалес за победник.