Бајден: Никој на Блискиот Исток не треба да ги поткопа напорите за прекин на огнот во Газа

Сподели со своите пријатели

Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека никој на Блискиот Исток не треба да ги поткопа напорите за постигнување прекин на огнот во Газа и договор за ослободување на заложниците, за кои тој тврди дека е на повидок, но и „далеку од завршена“.

Loading...

– Никој во регионот не треба да презема активности за да го поткопа процесот – напиша Бајден на социјалните мрежи, а подоцна на прес-конференција изјави дека е оптимист за изгледите за прекин на огнот, пренесува Ројтерс.

– Јас сум оптимист. Но, тоа е далеку од завршено. Има уште неколку проблеми, но мислам дека имаме шанси – рече Бајден.

Американскиот претседател посочи и дека повторно ќе го испрати државниот секретар Ентони Блинкен во Израел за да продолжи со интензивните напори за склучување на договорот.

Израел инсистира на тоа дека мирот ќе биде можен само ако милитантната палестинска група Хамас биде уништена, додека Хамас инсистира дека ќе прифати само постојан, а не привремен прекин на огнот.

Новата рунда преговори за прекин на огнот во Газа заврши вчера во Доха, а како што изјави неименуван претставник на Хамас за либанската телевизија Ал Мајадин, нема напредок поради инсистирањето на израелските преговарачи да се вклучат нови услови во договорот.

Посредниците во преговорите, САД, Египет и Катар, објавија заедничка изјава во која наведуваат дека преговорите биле „сериозни, конструктивни и водени во позитивна атмосфера“.

Претставници на Хамас, кои не беа присутни на разговорите, за Би-Би-Си изјавија дека рамката на новиот предлог содржи нови услови кои групата не може да ги прифати.

Loading...

Според изворите, Израел поставил нови услови, кои вклучуваат задржување на војници во Газа долж границата со Египет, додека Хамас бара целосен прекин на огнот, целосно израелско повлекување од Појасот, враќање на раселените Палестинци и договор за размена на затвореници.