Американскиот претседател Џозеф Бајден рече дека верува оти може да се избегне целосна војна на Блискиот Исток, велејќи дека треба да се направи повеќе за да се избегне голем конфликт во регионот.
Бајден, на прашањето од новинарите во Вашингтон во четвртокот колку е уверен дека може да се спречи сеопфатна војна на Блискиот Исток, одговори:
„Колку сте сигурни дека нема да врне? Видете, не верувам дека таму ќе биде сеопфатна војна, мислам дека можеме да го избегнеме тоа“, пренесува Ројтерс.
Бајден рече дека САД разговараат со Израел за опции како да одговорат на нападот на Иран врз Израел, што го вклучува и нападот на Израел врз иранските нафтени постројки, а по оваа изјава на Бајден дојде до зголемување на цената на нафтата.
Цената на нафтата „Вест Тексас интермедит“ се зголеми за 5,5 отсто и се приближи до цената од 74 долари за барел, додека светската референтна цена на нафтата „брент“ се зголеми на близу 77 долари, пренесува Блумберг.
Американскиот претседател рече дека нема да поддржи никакви израелски напади врз иранските нуклеарни локации.
Амбасадорот на Израел во Обединетите нации, Дени Данон, изјави за Си-Ен-Ен во четвртокот дека неговата земја има „многу опции“ за одмазда против Иран и дека наскоро ќе му ја покаже на Техеран својата сила.
Иран во вторникот лансираше повеќе од 180 ракети кон Израел, велејќи дека тоа е одмазда за убиствата на лидерите на Хезболах и Хамас, како и за агресијата во Газа и Либан.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека Иран ќе „плати“ за нападот.