Во невремето во Калифорнија загинаа 17 лица, едно петгодишно дете се води како исчезнато, а властите наредија евакуација на бројни области.
Во Лос Анџелес на патот имало огромна дупка во која паднале два автомобили. За среќа, властите успеале да ги извлечат и да ги спасат возачите.
Поројни дождови врнеа на тлото заситено со вода во последните два дена и предизвикаа големи поплави, откорнати дрвја, излевање на патишта и прекин на сообраќајот и снабдувањето со електрична енергија, а на места автомобилите беа однесени од порои.
Бројот на жртвите од невремето во последните недели се искачи на 17, што е повеќе човечки животи отколку што одзедоа пожарите во последните две години, соопшти кабинетот на гувернерот Гевин Њусом.
Најмалку 34.000 луѓе беа замолени да ги напуштат своите домови.
„Нашето страдање не е завршено. Очекуваме невремето да продолжи до 18 јануари“, рече гувернерот на прес-конференција.