Австрија издвојува 33 милиони евра за обештетување на хомосексуалците кои се кривично гонети

Сподели со своите пријатели

Во Австрија сите лица кои биле кривично гонети или осудени поради својата хомосексуалност ќе бидат рехабилитирани и ќе добијат паричен надомест за што се издвоени вкупно 33 милиони евра, соопшти денеска австриската министерка за правда Алма Задиќ.

Loading...

Таа изјавила дека за секоја укината пресуда ќе се плаќа по 3.000 евра, а за секоја година или дел од казната по 1.500 евра, пренесува австрискиот јавен сервис ОРФ.

– За секоја покрената истрага според ставот од кривичниот закон, кој беше укинат на почетокот на 2000-тите, засегнатите добиваат по 500 евра. Доколку жртвите претрпеле економски, професионални или здравствени последици, ќе добијат дополнителни 1.500 евра – рече Задиќ на прес-конференцијата.

Таа додаде дека со новата мерка на австриската влада ќе бидат погодени околу 11.000 лица, кои за да добијат отштета ќе треба да се обратат до судот или до Министерството за правда.

Хомосексуалноста беше во основа декриминализирана во 1971 година во Австрија, но сè уште имаше одредени членови од законот кои ги криминализираа истополовите дела.

Дури во 2002 година Уставниот суд ја укина и последната преостаната ваква одредба.

Од невладината организација NEOS LGBTQ велат дека обештетувањето за кривичното гонење на хомосексуалците е задоцнето, но дека тоа е силен сигнал за сите жртви кои биле „криминализирани поради нивната љубов“.

– И 50 години по законското укинување на целосната забрана на хомосексуалните односи, мора да продолжиме да се бориме за отворено и либерално општество – изјави портпаролот на организацијата Јаник Шети.

Loading...