Австралија оди на референдум за поголеми права на домородците

Сподели со своите пријатели

Австралискиот Сенат во понеделникот го поддржа референдумот за уставни промени со кои ќе се признаат нејзините домородни народи.

Loading...

Целта на референдумот е да им се даде можност на Абориџините и на жителите на островот Торес да ја советуваат владата во парламентот за прашања кои ги засегаат нивните заедници.

Референдумот ќе се одржи пред крајот на 2023. Според локалните медиуми, Австралијците најверојатно ќе гласаат во октомври.

Сенатот во понеделникот донесе одлука со 52 гласа „за“ и 19 „против“, со која се потврди текстот на уставните измени, кои ќе се најдат на референдумот, откако долниот дом на парламентот во мај ја усвои предлог-одлуката.

Членовите на сенатот почнаа да ракоплескаат по гласањето.

„(Ние сме) еден чекор поблиску до давање глас на потребите и аспирациите на домородните Австралијци“, рече министерката за домородни прашања Линда Барни на прес-конференција во понеделникот.

Австралискиот премиер Ентони Албанес на социјалната мрежа Твитер напиша: „Заедно можеме да направиме историја со вклучување на признавањето на Абориџините и жителите на островот Торес во нашиот устав“.

Тој се залага за референдум откако победи на изборите во мај 2022 година.

Loading...

Потребно е „двојно мнозинство“ за да се дозволат уставни измени. Според австралиската изборна комисија, тоа значи дека мора да се добијат повеќе од 50 отсто од гласовите „за“, но и дека мнозинството гласачи мора да се изјаснат во најмалку четири од шесте сојузни држави во Австралија.

Абориџините и жителите на островот Торес се сметаат за дел од населението од уставните промени во мај 1967 година.