Основачот на Викиликс Џулијан Асанж се појави во јавноста откако беше ослободен од британски затвор.
Тој денеска даде докази пред Комисијата за правни прашања и човекови права на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во Стразбур.
– Преминот од притвор во затвор со максимално обезбедување на зборување овде е голем и длабок, искуството на изолација во мала ќелија е тешко да се пренесе. Тоа ви го одзема чувството за себе – рече тој.
Сето тоа дојде откако ПССЕ објави извештај за неговиот случај, во кој се заклучи дека Асанж е политички затвореник и ја повика Велика Британија да истражи дали бил подложен на нехуман третман.
– Се уште не сум целосно способен да зборувам за она што го доживеав, тешката борба да останам жив – додаде тој.
– Изолацијата си го направи своето и се обидувам да се соземам од тоа. Сериозноста на ситуацијата ме поттикна директно да ви се обратам. Изминав долг пат и буквално и преносно. Пред дискусијата сакам да му се заблагодарам на одборот за резолуцијата која посочи дека моето затворање е опасен преседан – рече тој.
– Ниту една од тие изјави, резолуции, извештаи, протести и хуманитарни акции не требаше да биде потребна. Но, сите беа неопходни затоа што без нив никогаш повеќе немаше да ја видам светлината на денот. Овој невиден глобален напор беше неопходен затоа што многу од постојните законски заштити постоеја само на хартија. На крајот, ја избрав слободата наместо неостварливата правда. Правдата сега ми е блокирана бидејќи американската влада инсистираше да не можам да поднесам случај пред ЕСЧП. Сакам да бидам јасен – денес не сум слободен затоа што функционираше системот, туку затоа што после многу години се изјаснив за виновен за новинарството и затоа што барав информации и затоа што ја информирав јавноста за тие информации – посочи Асанж.