АНБ и МВР разоткрија иранска прокси мрежа инволвирана во планирање на терористички напад

Сподели со своите пријатели

Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Министерството за внатрешни работи разоткриле мрежа од лица поврзани со ирански разузнавачки структури, кои подготвувале логистичка поддршка за извршување терористички напад, односно атентат врз лице на територијата на Грција.

Како што информираат од АНБ, активностите биле започнати на почетокот на 2026 година, во соработка со грчката национална разузнавачка агенција, други партнерски служби и Министерството за внатрешни работи, односно Бирото за јавна безбедност.

Според информациите на Агенцијата, во центарот на истрагата бил иранскиот државјанин Едрис Џахангири Маванех (Edris Jahangiri Mavaneh), кој бил идентификуван како лице поврзано со прокси-актери на иранските безбедносно-разузнавачки служби, вклучително и со наркобосот Наџи Шарифи Зиндашти (Naji Sharifi Zindashti).

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Минчев: Транспарентноста, отвореноста и отчетноста мора да станат природен начин на работа на институциите

Во македонската мрежа, според АНБ, биле инволвирани лица етаблирани во криминални структури во земјава, кои по директни насоки од иранскиот државјанин преземале подготвителни и логистички активности за реализација на планираниот напад во Грција.

Со оперативно-технички и аналитички активности, како и преку размена на информации со странски партнерски служби, бил разоткриен начинот на кој функционирала мрежата.

Членовите одржувале конспиративни средби на територијата на трети земји, меѓу кои и во Иран, при што биле потврдени нивните контакти со лицето кое, според АНБ, било главен организатор на планираната терористичка акција.

Од Агенцијата посочуваат дека станува збор за поширока мрежа на прокси-актери и контакти поврзани со иранските безбедносно-разузнавачки служби, кои, како што наведуваат, користат криминални структури во трети земји за прикривање на своите активности.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Од полноќ ново поевтинување на горивата

АНБ предупредува дека ваквите активности се дел од поширок безбедносен предизвик со кој се соочуваат повеќе европски земји, каде што во изминатиот период биле регистрирани терористички закани и напади поврзани со ирански прокси-актери.

Агенцијата најавува дека ќе продолжи со активностите за откривање и спречување евентуални терористички закани поврзани со ирански прокси-мрежи, како и за идентификување на други лица кои би можеле да бидат инволвирани во нивното функционирање.

Никола Ивановски