Експерти од САД ќе бидат ангажирани да ги бранат приведените Албанци од вооружените пресметки во Куманово што се случија на 9 мај, јавува косовскиот портал Ботасот.
Нивното ангажирање ќе се одвива преку Албанско – Американската Академија на Науките и Уметностите, известува актуелниот претседател, Скендер Кодра.
„Дојдов овде за да се сретнам со адвокатите на одбраната, за да им искажам подготвеност за помош со правни експерти, криминалистички експерти, психолози итн. Ние сме спремни да помагаме на одбраната за сѐ што имаат потреба, затоа што во случајот со Куманово, не се судат сами тие што се приведени“, изјави за „Љајм“ професорот Скендер Кодра, којшто ги посети жителите на Дива Населба.
Во текот на вчерашниот ден, започна распитот на дел од вкупно 33 лица осмоничени за тероризам кои полицијата ги уапси во мај годинава. Шестмина од осомничените кои се наоѓаат во притвор во КПУ Шутка, вчера беа изведени на распит пред Јавен обвинител со одбивање да дадат исказ.
Во истовреме, Јавното обвинителство со соопштение издадено на 24 мај, соопшти дека Обвинителството ја има завршено и постапката за идентификација на осомничените спроведена преку меѓународна правна помош.
Преку меѓународна правна помош е започната и процедурата за екстрадиција на едно од осомничените лица, како и постапка за собирање на докази во предметот. Прибавено е криминалистичко – техничко вештачење на предметите и трагите прибрани од лице место по извршениот увид.