Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Русија ги предупреди своите граѓани за извештаи за можна појава на пневмонична чума во регионот Иркутск, што укажува на смртен случај и воведување карантин во одредени болници во тој регион.
Според официјалното соопштение на амбасадата, американските власти внимателно ја следат ситуацијата, но забележуваат дека имаат ограничени можности да им обезбедат помош на американските граѓани во Русија, особено надвор од Москва.
Амбасадата потсетува дека највисокото, четврто ниво на предупредување (Не патувајте) е сè уште на сила и апелира до американските граѓани кои се во Русија веднаш да ја напуштат таа земја поради безбедносни ризици и можноста за нелегално притворање.
Исто така, на граѓаните кои се во погодената област им се советува да ги следат упатствата на локалните здравствени власти, да ги избегнуваат загрозените објекти и да побараат медицинска помош во случај на симптоми како што се треска или респираторни проблеми.
Од друга страна, руските власти ги негираат наводите за ширење на инфекцијата во таа земја.

