Пентагон го разгледува предлогот за повлекување до 10.000 американски војници од Источна Европа, што предизвика загриженост кај американските и европските претставници, објави NBC News, повикувајќи се на шест извори запознаени со планот.
Тоа е дел од силите распоредени од американската армија по руската инвазија на Украина во 2022 година.
Тогаш администрацијата на претседателот Џо Бајден испрати дополнителни 20.000 војници во источното крило на НАТО за да ја зајакне одбраната на сојузниците долж украинската граница.
Според информациите на NBC, сегашниот предлог вклучува можност за повлекување до половина од овие сили.
Трамп сака примирје, Пентагон штеди
Дискусијата за намалување на военото присуство доаѓа во време кога Доналд Трамп се обидува да го убеди рускиот претседател Владимир Путин да се согласи на прекин на огнот во Украина, тврдат американски извори.
Администрацијата на Трамп јасно стави до знаење дека очекува европските сојузници да преземат поголема одговорност за сопствената одбрана, бидејќи Вашингтон сака да ги пренасочи воените ресурси кон Кина и другите глобални приоритети.
Во февруари, новиот министер за одбрана на САД, Пит Хегсет, за време на неговата прва надворешнополитичка посета на Брисел, изјави дека „стратешките околности не дозволуваат САД да бидат првенствено фокусирани на безбедноста на Европа“.
Фокусот, рече тој, ќе биде на одбраната на јужната граница на САД и на одвраќањето на Кина.
Загриженост меѓу сојузниците
Според Ен-Би-Си, некои европски функционери стравуваат дека овој потег може да се сфати како знак за американско повлекување од Европа, што според нив ќе ја охрабри Русија.
„Русија би го протолкувала намалувањето на американските сили како слабеење на одвраќањето и би била поподготвена да се меша во европските работи“, изјави Сет Џонс од Центарот за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС).
Бен Хоџис, пензиониран генерал кој командуваше со американските сили во Европа, предупреди дека повлекувањето значително ќе ги ослабне одбранбените способности.
„Полска и Романија ја зајакнуваат својата одбрана, но тоа сепак ќе остави празнина што некој ќе треба да ја пополни“, рече тој.
Сенатор: Ова е опасна грешка
На сослушувањето во Сенатот, републиканскиот сенатор Роџер Викер ја критикуваше можноста за повлекување.
„Длабоко сум загрижен поради опасните позиции што ги имаат некои бирократи од средна класа во Министерството за одбрана. Тие работат на повлекување на САД од Европа – честопати без знаење на секретарот за одбрана“.
NBC пренесува дека портпаролот на Пентагон не го коментирал случајот, а американската војска исто така одбила да даде официјална изјава.
Тарифи, заштеди и пренасочување кон Кина
Во исто време, администрацијата на Трамп спроведува кратења во буџетот за одбрана, а повлекувањето на дел од силите од Европа би овозможило прераспределба на средствата во индо-пацифичкиот регион, кој Вашингтон го смета за постратешки важен.
Според NBC, повлекувањето од Полска и Романија би можело да ослободи пари за инвестирање во ново оружје и иновативна воена технологија.
Во моментов има околу 80.000 американски војници во Европа, а дополнителните сили распоредени по почетокот на војната во Украина требаше да послужат како јасен сигнал дека САД се уште се посветени на одбраната на НАТО.
Трамп го менува својот пристап кон Украина
За разлика од Бајден, кој рече дека ќе испраќа оружје во Киев „се додека е потребно“, Трамп бара брзо примирје, а по конфликтот со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа, дури и ја прекина воената и разузнавачката помош за Украина на една недела, потсетува NBC.
Трамп, исто така, не даде никакви конкретни ветувања за идната американска помош за Украина.
Русија брзо се вооружува
Предупредување за геополитичките последици доаѓа и од неодамнешниот извештај на данската разузнавачка служба, објавен во февруари, според кој Русија ја обновува и модернизира својата војска, вклучувајќи го и зајакнувањето на производството на оружје.
Според таа проценка, ако војната во Украина заврши или биде замрзната со прекин на огнот, Русија би можела да биде способна за уште една голема војна во Источна Европа во рок од пет години – доколку НАТО во меѓувреме не ја зајакне својата одбрана.