Александра Јанева: Не е тешко да се пробиеш, тешко е да го задржиш вниманието на публиката

Сподели со своите пријатели

Многумина ја нарекуваат македонската Адел, ја сакаат и најмалите и повозрасните, девојка со одличен глас и прекрасен изглед кој плени. Александра Јанева последниот период активно настапува низ македонските локали, а со својот бенд често е гостинка во Куманово.

Неодамна излезе нејзината нова песна „Ќе се вратам некој ден“, а вчеравечер приреди одлична забава за кумановската публика. Ние ја искористивме можноста накратко да поразговараме со неа.

КМ: „Ќе се вратам некој ден“ веќе неколку дена е хит на радијата, какви се реакциите, дали си задоволна?

Јанева: Реакциите се мошне позитивни. Јас ќе бидам искрена и ќе кажам дека се надевав на сите тие позитивни реакции, искрено некако песната ја доживував како хит уште при првото слушање, можеби звучи малку неблагодарно да кажам сама за себе дека е хитовска, меѓутоа има некој таков ритам. Инаку првично она што беше планирано е да биде една убава балада која ќе допре до емотивните луѓе, меѓутоа почнав на некој начин да го модернизирам мојот стил и да правам побрзи и подинамични песни и затоа во последен момент се одлучив да ја направам „Ќе се вратам некој ден“ во некој брз летен ритам и веќе неколку денови е хит на повеќе радио станици во Македонија и презадоволна сум.

 

Loading...

 

КМ: Многумина те гледаат по баладите, меѓутоа започна да експериментираш. Дали во следниот период ќе продолжиш во таа насока?

Јанева: Да. Она што јас можам ексклузивно да го кажам за вас е дека до средина на јуни подготвувам уште една летна песна, која исто така ќе биде со брз и динамичен ритам и имам уште неколку песни кои интензивно се подготвуваат, меѓутоа не можам никако да ги исклучам баладите, ќе има и неколку балади, здравје до есен би требало да излезат уште многу нови синглови.

КМ: „Ќе се вратам некој ден“ има и видео запис, и досега имаше спотови, но овој пат некако повеќе имаше можност да ги покжаеш своите актерски и танцови способности.

Јанева: Имаше едно интересно интервју пред некое време каде што имав прашање „Што би била доколку не би била пејачка“ и одоговорот беше актерка, тоа е моја неостварена желба и еве се радувам што некој препознал барем некој добар актерски елемент. Исто така сакам многу да иgрам од мала, меѓутоа никогаш не сум имала можност професионално да се бавам со тоа, веројатно сум ги пропуштила годините, за кеиф знам да го правам тоа, но нормално музиката и шоубизнисот е таква една професија која бара многу да покажам на публиката и мислам дека доколку си комплетен изведувач и со гласовни способности и со играње и со глума, дека ќе бидеш погоден за сите.

 

 

КМ: „Врати ми го сонцето“, „За сто години“, „Еве ме пак“ се песни кои се издвоија и веќе се сметаат за евергрини кои ќе траат на македонската сцена. Ти помага некој при изборот или тоа го правиш сама?

Јанева: Обично имам круг на најблиски луѓе на кои обавезно им ги праќам кога ќе ги снимам во студио, затоа што јас можам да бидам и субјективна, а понекогаш песните ми се навистина преслушани и едноставно увото веќе не ми го регистрира на тој начин како што некој би го регистрирал што го слуша прв пат и многу ми помагаат при изборот моите најблиски.

КМ: Има ли ангажмани за летниот период, каде се ќе настапуваш?

Јанева: Веќе однапред сме цело лето резервирани, обично имам неколку локали низ сите градови каде што настапувам Куманово, Прилеп, Кавадарци, Струмица, Битола, речиси низ сите градови во Македонија и нормално мрежата се шири и летото за мене е најубавиот период од годината. Ќе има многу настапи, многу пеење, многу забава.

 

Loading...

 

КМ: Македонија е мал пазар, ќе се обидеш ли да ги отвориш границите и да излезеш надвор?

Јанева: Да, на некој начин пробав да ги поставам темелите со поставувањето на „Бам бам“ на бугарскиот канал „Facing the sun“, меѓутоа засега она што ми е приоритет е да бидам што почесто на македонската забавна сцена и да ја освојам нашата територија, а зошто да не и надвор од границите на Македонија, се во свое време.

КМ: Имаме квалитетна музика тоа не можеме да го спориме, но се слушаат хитови од надвор. Тешко ли беше да се пробие еден млад интерпретатор меѓу оние познатите имиња кои ги имаме на естрадата?

Јанева: Мислам дека не е тешко да се пробиеш, но она што е тешко е да го задржиш вниманието на публиката, тие пет минути слава многу лесно се добиваат и многу лесно секој може да ги почуствува, но за да се задржиш потоа треба многу работа, многу упорност и мислам дека само оние кои вистински ја сакаат музиката и вистински го работат тоа остануваат слушани на сцената.

КМ: Има ли доволен број на песни за издавање на првото ЦД?

Јанева: Според она што досега го имам снимено веќе имам доволно за албум, меѓутоа јас спремам некои нови композиции така да првиот албум сакам да биде со многу нови компзиции, неколку стари, има во голем број.

 

 

КМ: Студент по стоматологија, а активно се занимаваш и се справуваш со музиката.

Јанева:  Еве веќе сум последна година на стоматологија и некако успевам да ги балансирам двете професии. Иако никогаш не можам да кажам дека стоматологијата ја ставам пред музиката, сепак музиката ми е прва љубов, меѓутоа научив да ја сакам и стоматологијата, а и никој не може да знае што ќе се случи во иднина, така да добро е да ги имам и двете.

КМ: Што беше пресудно да одлучиш да се занимаваш со музика?

Јанева: Пеам од многу мала, не знам колку од вашата публика знае дека првин имам пропеано, а потоа сум научила да зборувам, така да тоа е некој предзнак дека еве музиката ќе биде дел од мене. Моите мајка и татко се доста музикални, меѓутоа тетка ми од страната на мајка ми долго време се занимавала со музика, сега е во Америка и уште знае да си потпевнува и мислам дека гените се тоа сепак нормално.

КМ: Оставаш впечаток дека на секој настап даваш се од себе тоа да биде најдобро и да го пренесеш тоа најдобро до слушателител. Дали приватно си перфекционист?

Јанева: Навистина сум перфекционист, особено за музиката и многупати ми кажале немој да се даваш целата, но јас навистина не знам поинаку.

 

 

КМ: Засега имаше големи концерти во Струмица, Валандово, ќе продолжи ли тоа?

Јанева: Се надевам дека ќе продолжи и годинава затоа што следуваат месеци на многу музика од Александра Јанева.

КМ: Еве една порака до кумановци?

Јанева: Бидете позитивни, сакајте се и тоа ќе ви се врати како бумеранг и слушајте македонска музика.

Leave a Reply