НАТО разгледува можност за организирање Самит во Брисел уште во март следната година доколку на претседателските избори во САД победи демократот Џо бајден, тврдат дипломати, пренесува Ал Џезира. Доколку биде резибран републиканскиот кандидат Доналд Трамп, тогаш средбата ќе се одржи на почетокот на летото.
Минатата година, Алијансата предводена од САД се согласи да одржи состанок во 2021 година. Средба напролет, оценуваат дипломатите, ќе биде можност веднаш да се подобрат трансатлантските односи ако Бајден победи на претседателските избори на 3 ноември.
За време на своето претседателствување Трамп изјави дека западната Алијанса е „застарена“ и дека некои сојузници не ги исполнуваат своите обврски. Во јули 2018 година тој се закани дека ќе ги повлече САД од НАТО. На почетокот на оваа година, тој соопшти дека има намера да го намали американскиот контингент во Германија откако го обвини Берлин дека не ја исполнил целта на Алијансата за зголемување на буџетот за одбрана.
Европа верува дека Бајден, кој води на анкетите за испитување на јавното мислење во САД, може да донесе промена во американската политика, која под водство на Трамп ги поткопа европските приоритети за повеќе прашања, меѓу кои климатските промени и иранскиот нуклеарен договор.
„Повеќето сојузници сакаат Бајден да победи следниот месец, но тие ќе работат и со реизбрана администрација на Трамп“, рече дипломат во седиштето на НАТО во Брисел.
Друг дипломат истакна дека самитот во март „ќе му обезбеди на Бајден платформа за повторно обединување на Европа и Северна Америка и исто така ќе му овозможи на НАТО да ја остави „зад себе“ ерата на Трамп.