Активистите за заштита на животната средина пред неколку дена го започнаа својот протест во шумата кај Берлин и таму изградија куќички на дрво и порачаа дека ќе останат во нив со недели.
Тие протестираат бидејќи блиската фабрика „Тесла“ најави нејзино проширување како и сечење на повеќе од 100 хектари шума.
Таму планираат да изградат нови магацини и градинка за децата на вработените во компанијата.
Тоа предизвика противење на активистите, кое до сега беше главно мирно, но ноќта во вторникот одекна експлозија.
Се запалила трафостаницата кај Тесла, па фабриката останала без струја, поради што производството во моментов е во застој.
Малиот град Еркнер, како и дел од Берлин останаа без струја, пренесува Билд.
Во близина на запалената трафостаница полицијата пронашла шатор на активист.
На шаторот ставиле предупредувачка табла на која пишува дека внатре има оружје.
Пиротехничарите веднаш излегле на терен бидејќи полицијата и пожарникарите се исплашиле дека во шаторот може да има бомби. Тие ја евакуираа и фабриката.
Дури откако пиротехничарите кажаа дека „се е јасно“, пожарникарите и полицијата се вратија на терен.
Сето тоа траело со часови, па штетата на фабриката била милионска.
Полицијата претходно велеше дека ќе го толерира протестот до 15 март, но сега велат дека можеби нема да биде така, особено ако истрагата покаже дека активисти се одговорни за експлозијата на трафостаницата.