Одбојкарскиот клуб Куманово се пласираше во финалето на play-off на Сениорската државна лига во одбојка за дами. Во третиот и одлучувачки меч, нашите девојки забележаа победа над екипата на ОК Планет од Скопје со резултат 3:2 . Натпревар каде што одлучуваа нијанси, со многу пресврти во резултатот: ОК Куманово поведе со 1:0 во сетови но ги загуби следните два.
По доминантен четврти сет и израмнување на 2:2, петиот сет донесе многу лош почеток и резултатска предност од 7:3 на противникот. Но по две одлични серии на сервис/блок игра резултатот се сврте во корист на нашата екипа со 7:9. Следниве 2 поена припаднаа на ОК Планет за израмнување на 9:9 и втор тренерски тајм-аут на нашата екипа.
По тајм-аутот екипата сконцентрирано и максимално ангажирано ги одигра следниве поени за победа во овој сет (15:12) и во вкупното полу-финале на Play-off. Финалната серија започнува следната недела. ОК Куманово има предност на домашен терен. Противникот е ОК Јанта Волеј од Скопје во реприза на минатогодишното финале.