Акции за засадување нови дрвја во Куманово планира Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ во периодот што следува, а во кои ќе бидат вклучени ученици, невладиниот сектор, активисти и граѓани.
Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ, вели дека веќе разговарал со директорите на училиштата за нивно вклучување во активностите, а првите акции ќе бидат насочени кон локации каде има потреба од обновување на зеленилото.
– Ние планираме периодот што ни претстои, доколку временските прилики ни дозволат, планираме големи акции, сакаме да ги вклучиме сите училишта од Куманово, разговарав со директорите на училиштата, сакаме да го вклучиме невладиниот сектор, активисти, граѓански лица и еко патроли“, изјави Томиќ.
Првите активности, како што најавува, ќе се реализираат во градскиот парк кај автобуската станица, каде за време на невремето летово беа паднати голем број дрвја.
Целта е изгубеното зеленило да биде обновено, но и да се засадат што поголем број нови садници.
– Акциите првин ќе ги спроведеме во долниот парк каде ни паднаа многу дрвја кога беше онаа бура, ние ќе настојуваме некаде мислам дека и законска обврска е на едно паднато дрво да се засадат најмалку пет млади садници, така да ќе се трудиме што повеќе дрвца да насадиме со младите, ученици и невладиниот сектор, посочи Томиќ.
Покрај долниот парк, приоритет ќе бидат и кејот и Спомен Костурница, како и одредени локации каде дрвјата се исушиле или биле уништени.
– Приоритети ќе бидат градскиот парк, кејот, Спомен Костурница, на одредени места дрвореди кајшто дојде до некое исушување на одредени дрвца и несовесни граѓани ги искршија истите, значи ќе извршиме дополнување, ќе пробаме да формираме нови дрвореди, сите оние места каде што дозволуваат условите ние ќе насадиме, изјави директорот.
Посебно внимание ќе биде посветено и на месната заедница Панче Пешев, каде во изминатиот период биле реализирани повеќе акции за засадување.
Томиќ вели дека е задоволен од приемот на засадените дрвја кај жителите и најавува обновување на сите садници кои се исушиле или биле уништени.
Од претпријатието информираат дека имаат обезбедено доволен број садници, а подготовките за акциите се во тек.
Никола Ивановски

