Пет домаќинства од Куманово добија награди во рамки на јавниот конкурс за граѓани кои спровеле мерки за енергетска ефикасност во своите домови, организиран во соработка меѓу Општина Куманово и Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ од Скопје.
На завршниот настан на кампањата беа доделени пет награди во вид на вредносни ваучери за набавка на производи кои придонесуваат за поголема енергетска ефикасност, меѓу кои и една главна награда.

Конкурсот имаше за цел да ги промовира мерките за енергетска ефикасност и придобивките од нивната примена, како за домаќинствата, така и за животната средина.
Мерките опфаќаат различни решенија за намалување на потрошувачката на енергија, како топлинска изолација на надворешни и внатрешни ѕидови, користење ЛЕД-светилки, мерачи на електрична енергија, паметни приклучоци и други производи кои овозможуваат подобра контрола и рационално користење на електричната енергија.

На настанот присуствуваа секретарот на Општина Куманово, Емилија Сларидис Јаневска, раководителката на Одделението за заштита на животната средина и природата, Александра Георгиевска Протиќ, како и програмските координатори за енергија и клима во „Еко-свест“, Жарко Конески и Елена Николовска.

Организаторите посочуваат дека преку ваквите активности се поттикнуваат граѓаните да применуваат мерки за енергетска ефикасност, кои носат економски придобивки преку намалување на трошоците, но и социјални и еколошки придобивки.



Никола Ивановски

