СИЛНИ ЕКСПЛОЗИИ ОДЕКНУВАА ВО РИЈАД: Ескалација на конфликтот меѓу Саудиска Арабија и Хутите (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Неколку силни експлозии се слушнаа денес во саудискиот главен град Ријад, јавува Ројтерс повикувајќи се на очевидци.

Цивилната заштита на Саудиска Арабија издаде предупредување за можна опасност во покраината Ријад, поради ескалацијата на конфликтот меѓу Саудиска Арабија и јеменската бунтовничка група Хути.

Саудиската цивилна заштита подоцна објави дека опасноста во покраината Ријад поминала, јавува Ројтерс.

Засега нема официјално објаснување за причината за експлозиите, ниту информации за можна материјална штета или повредени.

Хутите, поддржани од Иран, контролираат голем дел од северен Јемен од 2014 година, вклучувајќи го и главниот град Сана.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Хуавеи е виновна за заговор за кражба на трговски тајни, одлучи суд во САД

Во 2015 година, Саудиска Арабија предводеше воена коалиција која интервенираше во Јемен во обид да ја врати власта на меѓународно признатата влада и да ги потисне Хутите.

Судирите меѓу Хутите и Саудиска Арабија вклучуваа ракетни и беспилотни напади врз саудиска територија, вклучувајќи нафтени постројки, аеродроми и други стратешки цели.

Оттогаш, односите меѓу двете страни повремено беа обележани со напади и одмазда, и покрај примирјето постигнато во 2022 година, кое значително го намали интензитетот на конфликтот, но не доведе до трајно политичко решение.