Централната разузнавачка агенција на САД (ЦИА) и Канцеларијата на директорот на националното разузнавање (ОДНИ) неодамна открија сајбер напад за време на кој некои од нивните некласифицирани податоци биле компромитирани, објави „Њујорк тајмс“ во вторник.
Повикувајќи се на американски официјални лица и други извори запознаени со случајот, весникот наведува дека нападот го вклучил системот за анализа на разузнавачки информации со отворен код (OSINT), кој користи јавно достапни и некласифицирани материјали.
Компромитирани податоци
Таквите податоци вклучуваат содржина од социјалните мрежи, сателитски снимки, но и други информации достапни преку комерцијални извори.
Сè уште не е познато кои специфични податоци биле компромитирани.
Сепак, според извори на „Њујорк тајмс“, класифицираните материјали не биле компромитирани.
Двајца извори запознаени со инцидентот му рекле на овој весник дека податоците од други владини агенции на САД веројатно биле откриени.
Кога Ројтерс го праша за објавените информации, ОДНИ рече дека „немало прекини во работењето на клучните капацитети или класифицирани системи“.
Серија сајбер напади
Упадот во системите на ЦИА и ОДНИ е најновиот во низата сајбер инциденти и технички проблеми што неодамна ги погодија американските државни институции.
NBC News минатата недела објави, повикувајќи се на двајца поранешни функционери, дека Министерството за земјоделство на САД ги известило своите вработени на 19 ноември за сајбер напад врз системот што се користи за обработка на плаќања на земјоделците.
Од друга страна, CNN во петок објави дека ФБИ истражува упад во Националниот центар за криминално разузнавање (NCIC).
Тоа е база на податоци што полициските агенции на сите нивоа ја користат за проверка на кривични евиденции, потерници и спроведување безбедносни проверки.
Според изворите на CNN, ова е втор упад во системите на ФБИ во последните месеци.
Досега не е утврдено дали овие два напада се поврзани еден со друг, ниту кој стои зад нив.
Неодамна, сајбер инциденти се регистрирани и во Пентагон и Министерството за внатрешна безбедност на Соединетите Американски Држави.

