Поранешниот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро, бил хоспитализиран откако одеднаш почувствува силни болки во стомакот, а медицинските прегледи покажале дека има речиси целосна опструкција на цревата, изјави денес неговиот син Карлос Болсонаро.
Карлос Болсонаро изјави на социјалната мрежа X дека неговиот татко одеднаш имал силни болки во стомакот и бил однесен во болница.
Во последователна објава, тој опиша дека стомакот на Болсонаро бил екстремно надуен кога пристигнал во болницата, што предизвикало притисок и силна болка.
Според него, по прегледот и дијагностичките тестови, потврдена е речиси целосна опструкција на цревата.
Лекарите започнале со терапија со лекови за да се обидат да го решат проблемот без потреба од инвазивна медицинска процедура.
Карлос изјави дека нови информации ќе бидат објавени во наредните часови.
Тој изрази загриженост за здравјето на својот татко, тврдејќи дека неговото здравје се влошува поради ограничената подвижност и психолошкиот притисок на кој е изложен додека е во затвор.
Тој, исто така, ги критикуваше ограничувањата за посети од страна на судот, велејќи дека му е дозволено да го посетува својот татко двапати неделно по два часа.
Карлос Болсонаро оцени дека неговиот татко е изложен на политички прогон и ги повтори тврдењата дека целта на владата е да го убие.
Жаир Болсонаро е во домашен притвор откако во септември 2025 година беше осуден од Врховниот суд на Бразил на 27 години и три месеци затвор за обид за државен удар по изборите во 2022 година.
Болсонаро првпат беше ставен во домашен притвор на 4 август 2025 година, за време на судската постапка за кршење на забраната за социјалните медиуми.
Таа мерка беше укината на 22 ноември 2025 година, кога беше префрлен во затвор откако се обиде да оштети и отстрани електронска нанонога со лемило, кога, поради сомневање за ризик од бегство и оштетување на наноногата, тој почна да ја издржува казната во притвор на федералната полиција, а потоа и во затворскиот комплекс Папуда во Бразилија.
На крајот на март 2026 година, откако беше хоспитализиран поради пневмонија, Врховниот суд му одреди привремен домашен притвор, кој подоцна беше продолжен.

