Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, објави дека синоќа во Берлин, за време на состанокот на Коалицијата на добронамерните, разговарал за одбранбената соработка со американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер и европските советници за национална безбедност.
„Важно е соработката меѓу Европа, Украина и Америка во процесот на преговори да стане поблиска. Од самиот почеток, Украина се залагаше за таков пристап – максимална меѓусебна координација во сè што е поврзано со европската и украинската безбедност, како и нашата иднина“, рече Зеленски во објава на IX (X).
Зеленски додаде дека за време на состанокот официјалните лица се фокусирале „на безбедносните гаранции што ќе послужат како вистинско одвраќање за Русија“.
„Сметаме на американската страна да помогне во организирањето на првиот мултилатерален состанок на тимско ниво, со целосно учество на европската страна, што е можно поскоро. Разговаравме за можните параметри и агендата за таков состанок“, додаде тој.
Зеленски оцени дека „колку поактивни се дискусиите, толку се поголеми шансите за постигнување вистински напредок“.
„Им се заблагодарувам на Америка, Европа и на сите наши партнери кои помагаат“, се заклучува во соопштението.
Средбата на Коалицијата на волјата, која ја сочинуваат лидерите на Германија, Франција, Велика Британија, Полска и Италија, како и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, беше договорена во време кога европските земји се обидуваат да бидат вклучени во мировните преговори меѓу Русија и Украина, организирани од Вашингтон.

