Млади поети и прозаисти од Куманово и други градови од земјава беа наградени на традиционалниот литературен конкурс по повод манифестацијата „11 Ноември“, на свеченост што вечерва се одржа во Занаетчискиот дом.
Настанот беше организиран од Здружението на друштвото на писатели Куманово, а стручната комисија ги избра најуспешните и најкреативните поетски и прозни творби од вкупно 80 пристигнати литературни дела.

На конкурсот учествуваа ученици од основните и средните училишта во Куманово, како и млади автори од други градови во земјава.
Наградените учесници добија признанија и благодарници за нивниот придонес и ангажман во областа на книжевното творештво.

Свечената манифестација беше збогатена со културно-уметничка програма, во рамки на која талентираните ученици ги претставија своите наградени литературни творби пред присутната публика, под менторство на своите наставници.
Настанот е реализиран со поддршка на Фондацијата за култура и спорт Куманово и Општина Куманово.

Никола Ивановски

